Кои мерки требаше да ги најави Макрон за излез од кризата со „жолтите елеци“

Од:

Францускиот претседател Емануел Макрон, по Големата национална дебата, во понеделникот требаше да соопшти серија на мерки за излез од кризата со „жолтите елеци“, но пожарот во Нотр Дам ја промени програмата.

Сепак, како што јави дописникот на МИА, француските медиуми дојдоа до копија од неговиот говор.

Според добиената копија, Макрон сака „да ги намали даноците за средната класа”, преку финансирање на оваа мерка вклучувајќи го и „укинувањето на некои даночни олеснување“. Претседателот, исто така, бара „објективна проценка” на данокот за богатство од почетокот на 2020 година, врз основа на која се обврзува „да направи промени и корекции“.

Макрон сака да се коригираат пензиите што се помали од 2.000 евра врз основа на инфлацијата од 1 јануари 2020 година. Тој, исто така, требаше да објави дека специјалната премија од 1.000 евра без данок и без придонеси за социјално осигурување, што беше воведена кон крајот на декември 2018 година по стартот на протестите на „жолтите елеци“,ќе биде трајна и отворена за работодавачите секоја година.

– Ги знам сите недоразбирања што постоеја на темата околу пензиите во овие две години. Жалам за тоа. Сакам почитувањето на пензионерите да биде претворено во доверба и јасни правила. Пензиите помали од 2.000 евра ќе бидат повторно коригирани за инфлацијата од 1 јануари следната година, се вели во нацрт – говор на Макрон, одложен поради пожарот на Нотр Дам.

Макрон повеќе не сака „затворање ниту на училишта, ниту на болници до крајот на неговиот пет годишен мандат“, освен по барање на градоначалниците.

Истакнувајќи дека „многу од граѓаните сметаат дека нивното населено место е заборавено“, тој сака да се обезбеди присуство на јавните служби и услуги и да се „донесе нов закон на децентрализација“, особено со „повеќе службеници на теренот и со поголема одговорност и со помалку претставници во Париз, кои пишуваат стандарди или создаваат правила“.

Макрон е наклонет кон референдумите по граѓанска иницијатива за некои локални теми од јавен интерес, на што инсистираат „жолтите елеци“. Тој најавува реформа на Уставот за поедноставување на процедурата за ваков вид на референдуми.

Францускиот претседател предлага во мај да биде свикана „конвенција со 300 случајно избрани лица, кои ќе работат на еколошката транзиција и конкретни реформи кои треба да се донесат“.

Макрон, исто така, се залага за промена во обуката и образованието со укинување на престижната Школа за високата француска администрација – ЕНА и неколку други структури.

– Ние имаме потреба од елита на донесувачи на одлуки, стои во говорот на Макрон, кој сака да им се даде шанса „на сите млади луѓе врз основа на заслуги, а не според нивното социјално или семејно потекло”.

Елисејската палата одби да даде коментари на говорот. Во одговор даден за весникот „Монд“, Кабинетот на Макрон вели дека „не ги потврдуваа или коментираа протечените ибформации во печатот за резултатите од големата национална дебата“.

– Ние мора да имаме одговорност која се наметнува во овој момент на голема национална жалост. Претседателот на Републиката навреме ќе зборува за големата национална дебата, се додава во одговорот на Елисејската палата, укажувајќи особено на тоа дека конференцијата за печатот закажана за денеска на оваа тема е откажана.

Би можело да ве интересира

Франција и Британија и дозволија на Украина да употреби ракети со долг дострел за да ја таргетира Русија

(ВИДЕО) Заврши заложничката криза во Париз: Заложниците ослободени, киднаперот уапсен

Горан Наумовски

Заложничка криза во близина на Париз, маж заробил луѓе во ресторан: Голем број полицајци на улица

Мајка убила три деца затоа што сакала да му се одмазди на својот партнер

Трагедија во Франција: Мајка е осомничена дека избоде три деца до смрт

После изборот на Трамп: Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро се надева на мир на Блискиот Исток