[staff name=”Јасна Атанасова” position=”Автор”][/staff]Народната банка на Македонија во редовниот Квартален извештај наведува дека индексот на цените на становите покажува пад од 0,5% на квартална основа, а претставува трето последователно намалување на вредноста на становите во текот на минатата година.
Покрај падот во периодот октомври-декември 2012 година, негативен тренд е забележан и во првите три месеци кога падот изнесувал 1,3%, а во второто тримесечје се засилил со намалување од дополнителни 1,8%. Од НБРМ велат дека падот на цената на становите годишно изнесувал 3,5% во последниот четврти квартал лани.
Во последниот извештај стои дека кредитирањето со станбени кредити почнало забрзано да расте од второто тримесечје на 2012 година. Трендот забавил во третото тримесечје, но продолжил да расте со иста стапка во последното тримесечје од минатата година.
Порастот на извршените градежни работи, зголеменувањето на бројот на станови и забавената динамика на побарувачката на пазарот за недвижности се главните фактори за континуиран пад на цените на становите во главниот град.
НБРМ ги составува пресметките за овој вид недвижности четири пати годишно, а резултатите се добиваат врз основа на податоците од огласите за станови кои се нудат во Скопје, објавени од агенциите во дневните весници.