Германскиот јавен РТВ сервис критикуван поради известувањето за Нотр Дам

Од:

Претставници на јавниот живот во Германија денеска го критикуваа германската јавна радиотелевизија АРД поради начинот на информирање за пожарот во париската катедрала Нотр Дам.

– Милиони во целиот свет ја следат драмата околу Нотр Дам, еден од најзначајните културни споменици на Европа. Зошто мораме да гледаме Си-Ен-Ен за да се информираме, додека АРД емитува документарци за животни, напиша на Твитер премиерот на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија Армин Лашет од Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Лашет смета дека првиот ТВ канал на јавниот сервис АРД требало да ја прекине редовната програма и да се вклучи во известување во живо како и други медиумски куќи. Со избегнување на таков начин на известување АРД, според Лашет, им дал простор на оние кои шират теории на заговор.

– Раша Тудеј и Ал Џезира пренесуваат во живо, десничарите кои шират омраза веќе се занимаваат со теории на заговор, а нашиот јавен сервис спие, истакна Лашет.

Веднаш по веста за пожарот десничарските популисти преку социјалните мрежи ширеа вести за исламистички терористички напад.

И десничарската, популистичка Алтернатива за Германија (АФД) преку својот огранок во Солинген шпекулираше за причината за пожарот.

– Нападите врз симболите на христијанството во иднина ќе се интензивираат и ние сите знаеме зошто, соопшти АФД алудирајќи на политиката за бегалци на Ангела Меркел и нејзиното отворање на вратите за бегалци.

Јавниот сервис во последните години е критикуван, особено од десничарските сили, дека во своите програми избегнува известување за некои настани, како што се криминални случаи во кои извршителите се бегалци, кои би можеле да фрлат негативно светло врз бегалската политика на Ангела Меркел.

Лашет, кој е познат и како еден од најистакнатите германски политичари кои се залагаат за вредностите на Европската унија, го критикуваше локалниот начин на известување на јавниот сервис.

– Веста за пожарот во Нотр Дам беше дури на трето место во централниот дневник. Се гледа дека воопшто не сте ја сфатиле културната и европската димензија на оваа катастрофа. Дали така ќе се однесувавте ако гореше катедралата во Келн ? Само затоа што тоа е Париз, за тоа не се известува, заклучи Лашет, премиерот на најбројната сојузна покраина и близок соработник на канцеларката Ангела Меркел.

АРД објасни дека во своите централни информативни емисии во 20 часот и подоцна, после 22 часот дале голем простор за пожарот во црквата Нотр Дам и укажа на тоа дека АРД не е исклучиво информативна ТВ програма.

Би можело да ве интересира

Првиот германски разузнавач: И Русите се подготвени за саботажа

Горан Наумовски

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија

Германски медиуми: Во Европа откриено складиште за оружје на Хамас

Германија: Стапи на сила законот за декриминализирање на поседувањето канабис

Над 20 повредени во нова автобуска несреќа во Германија-патниците биле средношколци

Горан Наумовски