Западен Балкан заслужува наше целосно внимание и постојана поддршка, порача денеска германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас за време на министерскиот состанок на Берлинскиот процес во Варшава, кој е посветен на унапредувањето на регионалната соработка на Западен Балкан.
Тој додаде дека напорите кои се преземаат во рамки на Берлинскиот процес ќе помогнат да се решат проблемите во регионот.
– Можеме да и пренесеме на Европа дека длабоко сме уверени оти на Западен Балкан му е потребна европска перспектива и дека на земјите кои преземаат толку длабоки реформи во регионот треба да им се даде европска перспектива, истакна Мас.
Шефот на германската дипломатија ги нагласи билатералните судири и порача дека е неопходно тие да се решат. Во тој контекст Мас потсети на договорот кој го постигнаа Атина и Скопје, оценувајќи дека тој претставува „одлична илустрација на дипломатија и политичка храброст“, како и пример за другите земји.
Мас смета дека договорот кој го постигнаа Грција и Северна Македонија може да биде „добра пракса“ за решавање на другите судири на Западен Балкан.