Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон ќе организираат кон крајот на април во Берлин конференција на која се поканети земјите од Западен Балкан, но и Хрватска и Словенија, како и претставници на Европската Комисија.
– На конференцијата на 29ти април се очекуваат најмногу претставници од тие земји, изјави портпарол на германската Влада.
Главна тема на разговорите треба да биде стабилноста и поволниот развој на регионот.
Германската канцеларка и францускиот претседател сакаат да расправаат со гостите за посебните предизвици во регионот, особено за Србија и Косово.
Германија и Франција се иницијатори на т.н. Берлински процес, кој почна во 2014 година, со цел стабилизација на безбедноста и подобрување на политичките и економските односи меѓу земјите од Западен Балкан.
Идната конференција во рамки на Берлинскиот процес ќе се одржи на почетокот на јуни во Полска.