Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) усвои Резолуција со која предлага нова заедничка постапка за мерки против земја членка што не ги почитува своите законски обврски или ги крши фундаменталните принципи и вредности на најстарата паневропска организација, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Во резолуцијата и препораката заснована врз извештајот на холандскиот пратеник Tини Кокс се наведува дека таквата постапка може да биде иницирана од ПССЕ, од Комитетот на министри или од генералниот секретар. Постапката ќе вклучува известување за засегнатата земја и дијалог со неа, формирање работна група за мониторинг на состојбите, усвојување декларација и во крајна линија преземање мерки, кои вклучуваат суспензија или исклучување.
Ваквата постапка се презема со цел да се гарантира дека сите мерки воведени кон земја членка ќе имаат „зголемен легитимитет, кредибилитет, влијание, релевантност и синергија“, се вели во Резолуцијата.
Пратениците оценија дека 70 години по основањето на Советот на Европа, неговите стандарди се повеќе се оспоруваат и сите земји членки мораа да ја потврдат својата посветеност на вредностите и принципите на демократијата, човековите права и владеењето на правото.
Што се однесува до Русија, која не учествува во работата на ПССЕ, пратениците повика на интензивиран дијалог со цел да се избегне ситуација во која од најголемата држава членка би било побарано да ја напушти Организацијата, со сите геополитички импликации што ќе ги има тоа и последиците за руските граѓани.
ПССЕ ја повика Русија „да назначи делегација во ПССЕ и да продолжи со задолжителното плаќање на својот придонес во буџетот на Организацијата”, бидејќи во спротивно тоа може да доведе до нејзино суспендирање во двете статутарни тела.
Собранието ги повика земјите членки да обезбедат финансиска одржливост на Советот на Европа и вети дека ќе ги насочи и ќе ги фокусира своите активности на повеќе начини. Тоа, исто така, повика на зголемен политички дијалог со ЕУ, вклучувајќи го и пристапот кон Европската конвенција за човекови права.