Отсекогаш сум велел дека овој театар има духови кои ни ја даваат енергијата кога ни е најтешко. Аурата на Драмски театар се збогати со уште еден дух кој ќе биде тука до нас. Вака актерот Драган Спасов-Дац се прости со својата колешка, Билјана Беличанец, на комеморацијата во Драмскиот театар по повод нејзината ненадејна смрт.
„Отсекогаш сум велел дека овој театар има духови. Тие не гледаат во секој момент додека сме на сцената. Тие ни ја даваат енергијата кога ни е најпотребна. Тие лебдат тука некаде и не туркаат да продолжиме кога ни е најтешко. Аурата на Драмски, за жал, се збогати со уште еден суптилен, нежен и преубав дух кој ќе биде присутен за идните генерации. Тука е духот на татко ми Стево, на Ненад, Ацо, Бранко, Дади, Горан, Снежана. Овде се некаде и сега го слават твоето доаѓање во бесмртноста. Но што да правиме ние? Не остави збунети и во бескрајна болка. Не остави да замислуваме што уште можеше да направиш на сцената. Сцената беше твојот живот, а ова не е фраза. Ти едноставно беше Билјана Беличанец. Многу луѓе ми изразија сочувство за твоето заминување. Зошто баш мене? Веројатно затоа што на оваа сцена, ти беше мојата Сара, Цвета, Ширин, Сузана, мојата Билјана Беличанец. Лука и Мона, да се гордеете со мајка ви. Имате силна причина“, рече Дац.
Кристијан Ландов