Со цел да се најде решение за моменталната политичка и институционална криза, потребна е тесна соработка со сите земји-членки и двете статутарни тела – Парламентарното собрание и Комитетот на министри. Време е да почне консолидирањето на различните ставови во еден, истакна министерот за надворешни работи на Финска и претседавач со Комитетот на министрите на Советот на Европа, Тимо Соини, јави дописникот на МИА од Стразбур.
– Ако сакаме резултати, тоа бара конструктивен дух од страна на сите партии. Сите земји-членки мора да ги исполнат своите обврски. Исплатата на придонесите исто така е обврска за сите земји-членки, додаде Соини
Тој алудираше на Руската Федерација, која ги нема платено своите обврски за две години, што може да доведе до нејзино исклучување од Советот на Европа. Но, исто така и до Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), кое ги суспендира овластувањата на руската парламентарна делегација што доведе до блокадата.
Соини истакна дека еден заеднички одговор ќе го зајакне ПССЕ, бидејќи тоа нема да биде одговор на една партија, туку одговор на целата организација.
– Ова ќе го направи одговорот силен, ефективен и легитимен, посочи Соини, потсетувајќи дека целта е да се постигне конструктивен исход на министерски состанок во Хелсинки.
Претседателот на Комитетот на министри, исто така, зборуваше и за голем број на настани организирани во рамките на финското претседателство во однос на своите приоритети односно зајакнување на системот на човековите права и владеењето на правото, еднаквоста и женските права и вклучување, со посебен акцент на младите и спречување на радикализацијата.