Земјите од Западен Балкан денеска во Тирана разговараат за националните приоритети за климатска акција и ќе се обидат да ги дефинираат можностите за усвојување на заеднички акции на овој план.
Од Организацијата за исхрана и земјоделство на ООН (ФАО) велат дека климатските промени стануваат прашање на национална безбедност и опстанок за многу земји. Тие влијаат врз производството на храна и предизвикуваат значителни штети и загуби во земјоделското производство, одгледувањето на добитокот, риболовот и шумарството.
Целта на дводневната конференција, истакнуваат од ФАО, е да ги собере на едно место претставниците од Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија да разговараат за националните приоритети и за можностите за усвојување на заеднички план за климатска акција.
– Силно јавно чувство за одржливоста на животната средина и климата се појавува во сите делови на светот, но распределбата на финансиската поддршка е нееднаква, а земјите од Западен Балкан имаат потреба од зголемени финансиски ресурси за да можат да се соочат со климатските предизвици, вели Владимир Рахманин, помошник-генерален директор на ФАО и регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија.
Земјите од Западен Балкан се обврзаа да обезбедат ефективна имплементација на Парискиот договор и Агендата 2030 за одржлив развој, а достапноста на финансиски ресурси за финансирање на итни мерки за ублажување на и прилагодување кон климатските промени е од голема важност, наведуваат од ФАО. За таа цел, ФАО им помага на земјите во пристапот до финансиски извори за животна средина и климатски промени, како Зелениот климатски фонд и Глобалниот фонд за животна средина.