Кипарскиот конзервативен лидер Никос Анастасиадис и кандидатот на левите сили Ставрос Малас ќе се борат во вториот круг од претседателските избори на Кипар.
Вториот круг на претседателските избори ќе биде одржан на 24 февруари.
Лидерот на главната опозициска партија Демократски збор (ДИСИ) Никос Анастасиадис освои 45 проценти од гласовите, додека Малас кој учествува како независен кандидат, но ја има поддршката на Прогресивната партија на работниот народ на Кипар (АКЕЛ), доби 27 проценти од гласовите.
Кипарските гласачи треба да изберат претседател кој ќе има одговорност да преговара за добивање финансиска помош од тројката меѓународни кредитори ЕУ, ЕЦБ и ММФ за спас на земјата од банкрот и нова должничка криза во еврозоната.
Анастасиадис (66) најмногу се залага за брз договор за заем со меѓународните кредитори за избегнување на банкрот за земјата.
Право на глас на Кипар имаат 545.000 лица. Република Кипар има претседателски систем во кој шефот на државата е со петгодишен мандат и има функција на претседател на Влада кој сам бира министри под силна контрола на Собранието.
Претседателот на Кипар и лидерот на АКЕЛ Димитрис Христофиас не се кандидираше на овие избори.
Кипар во јуни 2012 година почна преговори со Меѓународниот монетарен фонд, Европската унија и Европската централна банка за добивање финансиска помош, која според првичните оценки изнесува околу 17 милијарди евра.