Подобрена транспарентноста на Собранието, неопходни се поголема одговорност и политичката култура

Од:

Парламентот во 2018 година донел вкупно 246 закони што е значајно зголемување во однос на 2017 кога биле донесени 33 закони што се должи на фактот на нефункционалноста на Собранието во првите пет месеци поради продолженото траење на консултативната седница. Сепак, бројот на закони во 2018 година е помал од оној во 2016 година кога беа донесени 339 закони и тоа претставува подобрување, бидејќи хиперинфлацијата на закони не значи секогаш подобрување на системот и на процесите.

Ова се наведува во сумарниот извештај од проектот „Индекс на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието за 2017 и 2018 година“, што го спроведе Граѓанската асоцијација МОСТ.

Извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов на денешната презентација на извештајот истакна дека забележан е и позитивен тренд на зголемување на учество на пратениците во креирањето на политиките, а комплетно е променет и трендот на носење закони во скратена постапка. Така, од 70 проценти во 2016 и 72,7 проценти во 2017 година лани бројот на закони донесени по скратена постапка изнесувал 28,9 проценти што, рече, претставува позитивен тренд кој треба да продолжи и понатаму.

Во однос на работата на собраниските комисии, бројот на комисии кои добиле 50 и повеќе индексни поени од можни 100 се зголемил од четири во 2017 на девет во 2018 година, а само две од нив комисиите за култура и за земјоделство биле конзистентни во обезбедување транспарентност во двете години. Дури 12 комисии добиле повисока просечна оценка за транспарентност лани споредено со 2017 година, а транспарентноста на работата на комисиите е зголемена во 2018, што е евидентно и од севкупните просечни оценки за транспарентност од 27 во 2017 на 46 во 2018 година.

Севкупната просечна оценка за квалитетот на записниците, пак, е зголемена за 11 индексни поени од 48 во 2017 на 59 во 2018 година. Одржана била само една надзорна расправа од страна на Комисијата за култура што укажува на тоа дека Собранието мора да ја подобри својата надзорна улога, а е утврдено и зголемено ниво на вклученост на засегнатите страни во 2018 година.

Трендовите укажуваат и на зголемено учество на пратениците во законодавниот процес. Претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека без вистинска транспарентност нема ниту вистинско собрание, ниту вистинска парламентарна демократија, а за да се достигне високо ниво на транспарентност потребни се повеќе предуслови, од конкретна нормативна рамка се до високоразвиено чувство за одговорност, како и соодветна политичка култура на сите кои се вклучени во остварувањето на функциите на секој парламент.

– Ако ги погледнеме состојбите кај нас, мислам дека нормативниот дел во кој влегуваат Уставот, Деловникот и Законот за Собрание е добар и дава можности за квалитетна транспарентност, но ако сме малку самокритични ќе признаеме дека имаме инсуфициенција кога станува збор за одговорноста, додека нивото на политичката култура е нешто на што треба да поработиме, рече Џафери.

Сепак, додаде, работите одат напред и тоа во многу позитивна насока, бидејќи во овој мандатен период парламентарното мнозинство успеа да го врати во Собранието духот на парламентарната демократија, а верува дека и опозицијата го прифатила овој тренд и дава свој придонес. Како пример на транспарентност и одговорност Џафери го посочи изборот на Државната комисија за спречување на корупција, како и јавните расправи кои се одвивале на седниците на различни собраниски тела во кои биле вклучени најразлични засегнати субјекти, пред се од НВО-секторот и од стручната јавност.

Британската амбасадорка Рејчл Галовеј истакна дека Парламентот е огледало на општеството, а неговата разноликоста ја разликува разноликоста на општеството и претставува место на размена на идеи. Голем дел од помошта на Велика Британија за нашата земја, додаде таа, е фокусирано на реформската агенда и јакнењето на институциите, вклучувајќи го и Парламентот, а транспарентноста и отчетноста се во центарот на нашата работа.

-Ова е важна година за Северна Македонија особено кога се ближи членството во НАТО. Ние ја напуштаме Европската унија, но ќе останеме партнер и ќе бидеме посветени на вашето идно членство во ЕУ со цел да ви помогнеме во овој процес. Обединетото Кралство е ваш партнер на долг рок и сакаме да останеме ваш долгогодишен партнер, рече Галовеј.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште