Виз ер Скопскиот маратон ќе се одржи на 4 мај во Скопје, под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт. Заинтересираните за учество во маратонот може да се пријават на официјалната веб страна на http://skopskimaraton.com.mk/ или кај партнерот за онлајн регистрација https://www.smartrace.club/.
Во врска со 15-тото јубилејно издание тимот на Виз ер Скопски маратон, Сојузот на спортови на Град Скопје информира дека штафетниот маратон ќе биде со име „Штафетен маратон – ЕУ за спорт“ под покровителството на ЕУ. Ќе бидат организирани бесплатни групни тренинзи што ќе ги водат познати атлетичари Сашо Даневски, Кокан Ајановски и Весна Кираџиева.
Сите заинтересирани кои сакаат да добијат маица во стартниот пакет ќе мора да се пријават најдоцна до 31 март, а после овој датум не следува маица во стартниот пакет. Истиот датум е краен рок и за оние што сакаат нивното име да им биде испишано на стартниот број.
Традиционално, како и минатите години, сите учесници ќе добијат 20 евра вредносен ваучер од насловниот спонзор, Виз ер.
Од Сојузот на спортови наведуваат дека изминатиот викенд патеката била измерена од страна на стручно лице на ИААФ и АИМС со што Виз ер Скопскиот маратон го обновува постоечкиот сертификат за точноста на патеката и истата ги исполнува сите стандарди за исполнување на норми за учество на олимписки норми и светски првенства.