Владата усвои план за суштинска реформа на законодавството за стечај, со што ќе се забрза решавањето на стечајните постапки, ќе се зголеми транспарентноста на процесите, значително ќе се намалат аномалиите и девијациите, а ќе се зголемат и стимулраат можностите и опциите компаниите да не одат во стечај, туку ќе бидат насочени кон реорганизација на деловниот потфат.
Како што соопшти на денешната прес – конференција портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, се отвора и јавна дебата за оваа суштинска реформа во законодавството. Инаку, за само една година од функционирање на Комитетот за стечај бројот на стечајни постапки кои се затвораат на годишно ниво е зголемен за 50 проценти, а тоа придонесува вкупниот број активни стечаи да се намали за 20 проценти.
При потешкотии во работата наместо одење кон гасење на компанијата преку стечајна постапка ќе се стимулира реорганизација на деловниот потфат, односно опциите да се продолжи со работа преку квалитативни измени во бизнисот, е првата мерка од владиниот план за реформа. За таа цел, привремениот стечаен управник ќе добива значителна финансиска награда која ќе биде поврзана со фиксен износ во зависност од големината на конкретниот бизнис. Така, оцени Ѓорѓиев, тој ќе биде мотивиран да изнајде опции да се продолжи со работа, да се обезбеди доходовност, што ќе значи и задржување на бизнисот и работните места.
Ќе се воведе и електронско постапување во делови од стечајната постапка, која ќе гарантира независност и фокус на приоритетите односно одлуките од судот во врска со стечаите ќе се објавуваат на новововедена електронска рубрика Е-стечај на веб страна на Централниот регистар, се воведува електронско именување на стечајни управници, се воведува електронска продажба на имотот на должникот, а се ограничува и бројот на огласи за продажба на 3 огласи.
– По три неуспешни обиди се распределува имотот на доверителите и се заклучува стечајната постапка. Со ова се елиминира одолговлекувањето на постапките со што се избегнува намалување на вредноста на имотот што е предмет на продажба, појасни меѓу другото портпаролот на Владата.
Третиот корпус измени, посочи Ѓорѓиев, се однесува на значително намалување на роковите за постапување, со што ќе се придонесе за брзо процесуирање на предметите, ефикасност и ефективност и заштита на вредноста на имотот.
Определување рок за постапување во стечајната постапка и во случај на субјективно оддолжување се разрешува стечајниот управник, скратени се роковите за вршење попис и процена на имотот на должникот со што се забрзува постапката, скратен е рокот за пријавување на побарувањата и за испитување на побарувањата со што се забрзува постапката пред донесување на одлука за натамошен тек на постапката, се дел од измените. Скратени се и роковите во парнична постапка за постапување по стечајни предмети, како и за постапување по жалби во Апелационите судови и Врховниот суд.
Се укинува и стечајниот совет како орган кој решава по жалби и со тоа се скратува времетраењето на постапката, а по спорови во врска со стечајот наместо во парнична постапка кај друг судија ќе се решава пред стечајните судии со што се добива во време. Во просек, подвлече Ѓорѓиев, роковите за постапување се кратат за половина од постоечките, а финалните ќе бидат утврдени по јавната дебата.
– Овој Нацрт-предлог закон за измена и дополнување на Законот за стечај е испратен до меѓународни организации за да дадат мислење и евентуално да го подобрат квалитетот на законот, а ќе има и јавна дебата за текстот на законот со засегнатите страни, потенцира владиниот портпарол.
Со сите овие измени, смета портпаролот на Владата, се овозможува во идниот период да имаме големи придвижувања во позитивна насока во оваа област, што ќе биде од интерес за економскиот развој, за бизнисите и за работниците.