Уапсен Тони Јакимовски, се товари за проневера на голема сума пари

Од:

Тони Јакимовски, поранешниот шеф на кабинетот на поранешниот прв човек на УБК Сашо Мијалков, е на распит за ново кривично дело поврзано со злоупотреба на службената положба и овластување. А1он дознава од извори на истрагата дека Обвинителството за организиран криминал и корупција бара притвор за Јакимовски.

Јакимовски денеска беше на распит за случајот на СЈО „Таргет Тврдина“за нелегално прислушување, по што беше приведен. Јакимовски се товари за проневера на голема сума пари, а вкупно се приведени четири лица.

Во меѓувреме од обвинителството ја потврдија информацијата и прецизираа дека се работи за оштетување на буџетот на УБК.

„Лицата се осомничени дека како вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и го оштетиле Буџетот на Република Македонија за 50.670.000,00 денари.
Имено, во периодот од јануари 2007 година до мај 2017 година, осомничените како службени лица во Управата за безбедност и контраразузнавање, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на „Упатството за користење на средства за посебна намена на УБК“. Во наведениот временски период, во 172 наврати, осомничените подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале. На крајот од годината, документацијата за исплата – „Главните книги за евиденција“ ги уништувале, без посебно одобрение од Директорот на Управата и без записник, притоа не оставајќи примерок од прегледите, извештаите и главната книга за евиденција. Со ваквите дејствија предизвикале штета на Буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 50.670.000,00 денари“, соопштија од Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Јакимовски е обвинет и за уништување на опремата од нелегалното прислушување, вредна 10 милиони евра. Првоосомничен е Горан Грујовски, кој беше началник на Петтата управа на МВР, а кого министерот Митко Чавков го разреши на 20 јули, второосомничен е Јакимовски, третоосомничена е ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Јакимовски беше генерален директор на Југоисточниот европски центар за спроведување на законот (СЕЛЕК), меѓународно тело за борба со криминалот, вклучувајќи организиран криминал во Југоисточна Европа, со седиште во Букурешт, Романија. Митко Чавков ја одобри одлуката Тони Јакимовски да конкурира за оваа престижна меѓународна функција и да ја добие и покрај тоа што против него се води истрага. По избивање на аферата, од функцијата беше разрешен во септември 2017 година, по барање на МВР.

Би можело да ве интересира

Ексшефот на кабинетот на Мијалков понуди гаранција за слобода, но судот го одби

Васко Маглешов

Нови 30 дена притвор за ексшефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимвовски

Ана Ололовска

Тони Јакимовски доби притвор од 30 дена

Предраг Петровиќ