Македонскиот ракометен шампион Металург со 18 голови разлика попладнево го совладаа Санкт Петербург. Конечниот резултат на натпреварот од 9.коло од групата Ц од Лигата на шампионите одигран во Чехов е 32:14.
Рускиот вицепрвак не се покажа како достоен противник на „металурзите“ кои со оваа победа се наоѓаат на чекор до освојување на второто место во групата што би значело полесен противник во следната фаза.
Металург доминираше во текот на целиот меч и во ниту еден момент не му дозволи на домашниот тим да фати резултатски приклучок.
Фактот дека во еден натпревар од Лигата на шампионите примени се само 14 голови е показател кој треба да го радува тренерот Лино Червар за играта во одбрана на неговата екипа, а секако одлично си ја заврши работата и нападот со 32 постигнати погодоци.
Најмногу од нив беа дело на Ренато Вугринец и Наумче Мојсовски, најефикасните во тимот од Автокоманда кој постигнаа по 7 голови.
Покрај овој натпревар во групата Ц во 9.коло денеска играат Киелце – Шамбери, додека овој круг утре ќе го заокружат Силкеборг и Горење.
Табела Ц група: Киелце 16, Металург 12 (натпревар повеќе), Горење 12, Силкеборг 6, Шамбери 2, Санкт Петербург 2 (натпревар повеќе).