Баерн Минхен го критикуваше начинот на кој селекторот на германската фудбалска репрезентација, Јоаким Лев се откажа од услугите на тројца светски шампиони од 2014-та година. Пред два дена, Лев изјави дека Томас Милер, Матс Хумелс и Жером Боатенг не влегуваат повеќе во неговите планови.
Во соопштението потпишано од претседателот на баварците, Карл-Хајнц Румениге и од спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ од денес, Баерн најавува дека нема да коментира спортски мотиви за таквата одлука и дополнува: „Сепак сметаме дека времето и околностите за една таква порака до играчите и јавноста не се избрани максимално соодветно“.
Од Баерн сметаат дека оваа одлука не е донесена во вистинско време, една недела пред втората средба од осминафиналето во Лигата на шампионите против Ливерпул, откако првиот натпревар заврши 0:0, и токму кога Баерн го стигна тимот на Борусија Дортмунд во борбата за првото место во Бундеслигата.
Германските шампиони беа, исто така, изненадени што не добија претходна најава од Лев и менаџерот на националниот тим, Оливер Бироф за одлуката. Ниту Милер, кој имаше 100 натпревари за репрезентацијата на Германија, ниту Хумелс (со 70 натпревари), јавно ја коментираа одлуката на селекторот, иако Хумелс објави фотографија со својот син претходно оваа недела. Боатенг изјави дека е тажен поради одлуката на тренерот, но го почитува неговиот избор.
Германија за последен пат играше меч во ноември минатата година и очекувањата се во наредните денови тренерот да го објави составот за контролната средба со Србија на 20 март и со Холандија четири дена подоцна.
Лев беше критикуван од многу аналитичари за отстранување на искусни играчи откако тимот доживеа дебакл на Светското првенство во Русија и повеќето сметаат дека младите нема да се претстават на ниво. Ова беше забележано и на турнирот на Лигата на нациите, каде што Германците испаднаа во Лига Б.