Пакистанската морнарица денеска објави дека забележала индиска подморница, која се приближила кон територијалните води на Пакистан и ја предупреди да не се обидува да нападне.
Неименуван официјален претставник на морнарицата изјави дека индиската подморница не била целна, „имајќи ја предвид мировната политика на Пакистан”, според која Исламабад сака деескалација на тензиите со Њу Делхи.
Тој, исто така, истакна дека предупредувањето и е упатено на подморницата за време на вчерашната „средба”.
Потоа подморницата се оддалечила. Официјалното лице не даде други детали.
Тензијата меѓу двете земји ескалираше откако Индија минатата недела изврши воздушен напад врз пакистанскиот дел од Кашмир, тврдејќи дека ги открила екстремистите по бомбашкиот напад, кој се случи на 14 февруари во индискиот дел од Кашмир, во кој беа убиени 40 индиски војници.
Пакистан возврати така што собори два индиски борбени авиона и го зароби пилот, кој подоцна беше ослободен.