Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) во соработка со Кинотека на Македонија и со финансиска поддршка од инструментот на Европската Унија – ТАЕКС организираше работилница „Дигитализација на филмското наследство – етиката во конзервацијата на филмското наследство“.
На настанот учествуваа 30 стручни лица од стручните и високообразовните институции за заштита на аудиовизуелното наследство од земјава.
-Целта на оваа работилница беше да се направи пресек помеѓу теоријата и практиката на филмската реставрација во однос на етиката, притоа ставајќи акцент на развојот на новите дигитални технологии кои отвораат многу прашања и дебати поврзани со етичките аспекти на дигиталната реставрација. Почитувањето на етичкиот кодекс, како едно од основните начела при филмската реставрација, е со единствена цел да се заштити и зачува интегритетот на оригиналните подвижни слики согласносо етичкиот кодекс на Меѓународната асоцијација на филмските архиви (ФИАФ), информира УЗКН.
Инструментот ТАЕКС на ЕУ е наменет за поддршка на јавните установи од земјите кандидати за членство на Унијата и првпат се користи во сферата на културата и културните институции во земјава, првпат за тема поврзана за заштитата на културното наследство.