На осомничениот за синоќешното убиство во Тетово судија му одреди 30-дневен притвор, на предлог на надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, кое нареди и истражна постапка против лицето за сторени две кривични дела – убиство и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Осомничениот синоќа во 23.50 часот во објект на ул. „29 Ноември“ во Тетово лишил од живот едно лице. Убиството се случило откако на маса во објектот заедно седеле пет лица кои консумирале алкохол.
-Во еден момент сторителот извадил пиштол, го репетирал и испукал проектил во едно од лицата. Притоа му нанел смртоносни повреди од кои оштетеното лице починало на самото место. Сведоци на настанот се останатите три лица кои беа задржани во полициска станица непосредно по инцидентот, соопшти Обвинителството.