Кандидатот за градоначалник на општина Тетово од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Горан Манојлоски вечерва ја претстави својата изборна програма и приоритетните проекти за периодот од 2013 до 2017 година.
– Тетово е нашиот заеднички град. Неговиот напредок и изградба е обврска која сме ја наследиле од нашите предци и им ја должиме на нашите деца. Секој од нас во него ја гледа нашата сегашност, но и нашата иднина. Довербата ќе ја бараме пред граѓаните со конкретни проекти и конкретна програма која треба да биде одраз на потребите, предизвиците и проблемите со кои сите ние граѓаните на Тетово се соочуваме со години. Ние како ВМРО ДПМНЕ покажавме дека програмата не значи обичен лист хартија. За нас даденото ветување е посилно од се. Затоа многу долго и трпеливо работевме на оваа програма, собиравме идеи од граѓаните, рече Манојлоски.
Тој посочи дел од проектите како приоритетни и тоа локалниот економски развој преку кадровско доекипирање и доопремување на постојната канцеларија во општината, поголемо привлекување на приватниот сектор и со тоа подобрување на вработеноста, координација и соработка со централната власт за рестартирање на затворените фирми и претпријатија, директно вклучување на локалната власт во процесот на гасификацијата во рамките на проектот Јужен поток и слично.
Во сферата на образованието Манојлоски најави обнова на основните и средните училишта посочувајќи го примерот со подрачното основно училиште во Фалише, како и изградбата на спортски игралишта и сали за унапредување на физичката култура на младите, но и на останатите жители на општината.
– Горливиот проблем на Тетово со водоснабдувањето ќе го решаваме во три фази во соработка со Владата и КФБ банката од Германија. Во првата фаза ќе се преземат мерки за намалување на загубите со обнова и доизградба на постојната водоводна мрежа за која се обезбедени околу 26 милиони денари, а во втората и третата фаза со околу 4,5 милиони евра до 2014 година со претходна визибилити студија конечно треба да се реши и ова прашање, изјави кандидатот за градоначалник.
Најави проект за собирање и третман на одпадните води, а со обезбедување на концесионер за регионалната депонија, подобрување на механизацијата за чистење и изнесување смет и изградба на објект за третман на органскиот смет.
– Во овој дел е и изградбата на прифатилиште и формирање на шинтерска служба за справување со кучињата скитници, изјави Манојлоски.
Тој најави и соодветни зафати во патната инфраструктура, земјоделието, културата и туризмот со посебен осврт на Шар Планина и можностите за унапредување на Попова Шапка преку инвестицијата на ЕЛЕМ од 30 милиони евра во првата фаза за изградба на нова жичара со шест седишта, нови патеки и средување на паркиралиштата и пристапниот пат до зимскиот центар. Еден од приоритетите на Манојлоски останува и обезбедување на локација за изградба на црква во јужниот дел од градот.
На вечерашната промоција на програмата на кандидатот за градоначалник на Тетово, Горан Манојлоски присуствуваше и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.