Заменикот-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески и градоначалниците на општините Велес и Гази Баба, Аце Коцевски и Борис Георгиевски, учествуваат на меѓународната конференција за општински иновации, MuniWorld 2019, што се одржува од 26 до 28-ми овој месец во Тел Авив.
Во рамките на Конференцијата, се одржува и MuniExpo 2019, најголемиот годишен настан во организација на Федерацијата на локалните власти на Израел.
Павлески, како што соопшти Министерството за локална самоуправа, остварил средба со претседателот на Федерацијата, Хаим Бибас, со претставници на локалната самоуправа и на бизнис заедницата од Израел, како и со делегации од други земји. На средбите бил искажан интерес за соработка со Северна Македонија како дестинација со голем потенцијал.
Заменик-министер за локална самоуправа Павлески и градоначалниците Коцевски и Георгиевски оствариле средба и со амбасадорот на Израел во Република Северна Македонија, Ден Оријан, на која претставници на израелски компании презентирале иновативни решенија за развој на туризмот.
Конференцијата MuniWorld, како и MuniExpo се организираат трета година по ред и се исклучителни настани за запознавање со последните инивативни решенија на тема паметни градови-иновации, оддржливост, стратегии и пристапи во урбанистичкото планирање, транспортот, управувањето со отпад и други услуги, унапредени со користење на нови технологии.
Годинава конференцијата акцентот го става на урбаната безбедност и иновациите. Заради поголема безбедност во градовите е нагласена неопходноста од соработка меѓу локалните власти, службите за безбедност и граѓаните, соработка со компаниите и користење на иновативни решенија, градење на стандарди од страна на меѓународната заедница и преземање на поголема одговорност од страна на социјалните медиуми.
На Конференцијата учествуваат над 200 претставници на локалната власт, министри, претставници на научни и финансиски институции и на бизнис секторот од Израел. Беше искористено присуството и на околу 900 учесници од многу други земји од целиот свет како можност за вмрежување и соработка, како и со над 170 компании од Израел кои што ги презентираат своите најнови иновативни решенија за подобрување на услугите и на безбедноста во градовите.