Иранскиот претседател Хасан Рохани не ја прифати оставката на министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф, изјави денеска портпаролот на иранското МНР, Бахрам Касеми.
– Сите интерпретации и анализи околу причините за оставката на министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф, освен она што тој го објави на својот налог на Инстаграм, не се точни, и како што истакна денеска шефот на кабинетот на претседателот на Иран, оставката не е прифатена, истакна Касеми.
Иранската агенција ИРНА претходно објави дека шефот на претседателскиот кабинет Махмуд Ваези изјавил дека Рохани го поддржува Зариф, кој во неделата поднесе оставка.
– Зборовите со кои претседателот денеска го пофали својот министер за надворешни работи се јасен знак за задоволство од работата на Зариф и цврст одговор на некои пристрасни и неточни анализи, напиша Ваези на Инстаграм под заедничката фотографија на Рохани и Зариф.
Тој нагласи дека „во очите на Рохани, Исламската република има само една надворешна политика и еден шеф на дипломатијата“.