Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со министерката за одбрана на Република Албанија, Олта Џачка, на која заеднички било изразено задоволство за ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО во Албанскиот парламент.
На средбата била нагласена и одличната соработка меѓу Тирана и Скопје во изминатите години, како и напорите на Албанија за поддршка на нашата држава на европскиот пат и развој.
Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери нагласил дека Република Северна Македонија е на сигурен пат кон НАТО, а државата работи посветено на исполнувањето на неопходните реформи за добивање на датум за почеток на преговорите со ЕУ.
– Свесни сме дека ова не е лесен процес, но Собранието и Владата работат со сите сили и капацитети на постигнувањето на посакуваната цел, рекол претседателот на Парламентот Џафери и ја нагласил неопходноста од соработка на сите политички чинители заради исполнување на обврските за доброто на граѓаните и на државата.
Министерката Џачка упатувајќи честитки за храбрите политички чекори за откочување на процесот на евроатлантски интеграции, ја повторила и силната поддршка на Албанија за реформските процеси од нашата ЕУ агенда и понуди размена на искуства од билатерален аспект за зајакнување на капацитетите. Таа, стои во соопштението, посочила дека нашиот финален почеток треба да се евроатлантските перспективи, подржувајќи се еден со друг, а најдобар пример за ова во моментот е Република Северна Македонија. На овој начин, потенцирала, треба да размениме политички пораки меѓу двете земји за полесно да се надминат предизвиците.
Двајцата соговорници оцениле дека стабилноста на земјите на Балканот значи сигурност за земјите во Европа.
Џафери упатил благодарност за континуираната поддршка на Албанија за нашите аспирации за целосна интеграција во евроатлантските институции и залагањето за зајакнување на владеењето на правото, со надеж дека плодната соработка ќе продолжи и во иднина.