Друштвото на ликовни уметници на Македонија од оваа година ја доделува наградата од публика на ревијалната „Годишна изложба“ која ќе го носи името на истакнатиот македонски академски сликар „Никола Иванов-Балтон“.
За ова признание ќе одлучи публиката, колегите и љубителите на уметноста преку гласање на интернет адресата на ДЛУМ, неговата фејсбук страна и во канцеларијата на Дрштвото.
Гласањето ќе трае еден месец, до завршувањето на поставката на „Годишна изложба“ кога и ќе биде објавена наградата.
Балтон 30 години беше синоним на ДЛУМ. Роден е во Штип во 1948 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на Петар Мазев. Живеел и творел во Скопје. Почина на 31 декември 2012 во Дојран. Смртта го затекна како генерален секретар на ДЛУМ.
Доминантно место во неговиот севкупен творечки опус има сликарството, но еднакво се интересирал и за ликовните медиуми – витраж и мозаик, создавајќи многубројни дела во овие две техники. Освен бројните самостојни изложби со кои се претставил дома и во странство, Балтон учествувал и на повеќе групни изложби, во Белград, Скопје, Подгорица, Дензли, Париз, Вилмингтон, Њујорк, Детроит,… Добитник е на неколку награди.