Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде е многу претпазлив пред осминафиналната пресметка со Лион во Лигата на шампионите.
Тој потсети на елиминацијата на Каталонците ланската сезона кога многумина ги сметаа за големи фаворити против Рома.
– Минатата година сите ја гледаа Рома како совршен противник за Барселона. Но ние бевме елиминирани. За да не се случи истото, мора да бидеме исклучиво фокусирани против Лион, истакна Валверде.
Тој смета дека францускиот тим е голем предизвик.
– Имаат одличен тим кој покажа квалитет во групната фаза. Тоа ќе биде тежок натпревар, голем предизвик за нас. Мораме да покажеме одлично ниво за да ја исполниме целта. Дури и без суспендираниот Фекир, Лион е опасен тим.
Натпреварот Лион – Барселона се игра вечер од 21 часот на „Парк Олимпик Лион“.