Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини денеска во Брисел се сретна со државниот секретар на САД, Мајк Помпео при што разговараа за нуклеарниот договор со Иран, јави дописничката на МИА од Брисел.
Средбата уследи откако потпретседателот на САД, Мајк Пенс, ја обвини ЕУ дека ги поткопува американските санкции врз Иран.
Администрацијата на Доналд Трамп минатата година еднострано одлучи да се повлече од Договорот за нуклеарно разоружување на Иран и повторно воведе санкции против оваа земја, предизвикувајќи строги осуди од другите потписници на овој договор, пред сѐ земјите на ЕУ, Германија, Франција и Велика Британија.
Могерини и Помпео по средбата немаа прес-конференција.
Могерини, која вчера учествуваше на министерскиот состанок за одбрана на НАТО, повтори дека нуклеарниот договор со Иран е од посебна важност за европската безбедност, затоа што ефикасно ја спречува земјата да развие нуклеарно оружје.
ЕУ планира да остане дел од оваа спогодба сѐ додека Техеран ги почитува нејзините одредби. Истовремено, американските санкции им нанесоа голем удар врз европските компании кои инвестираат во Иран откако беше склучена спогодбата во 2015 година. Сите големи европски компании веќе се повлекоа од земјата од страв да не бидат засегнати од санкциите. ЕУ во меѓувреме одлучи да создаде нов механизам за заштита на овие фирми, но тој сѐ уште не е функционален.