Загинати се 14 патници, а многумина се борат за својот живот. Ова е билансот од трагичната автобуска несреќа која денеска околу 17 часот се случи на автопатот Скопје – Тетово, во близина на Ласкарци.
По вечерашната вонредна владина седница, одлучено е 14 и 15 февруари да бидат прогласени за ден на жалост.
„Ова е тешка ноќ, полна со неизмерна болка и тага. Сочувствуваме со семејствата на загинатите. Ние ги мобилизиравме сите сили и капацитети за да им помогнеме на повредените. Интервенциите беа брзи и од страна на полицијата и од страна на болниците, како на државните така и приватните“, изјави премиерот Зоран Заев.
Тој рече дека причините за несреќата се уште се непознати, а истрагата е под раководство на надлежен јавен обвинител.
Засега се знае дека автобусот поминал на спротивната коловозна лента, влегол на регионалниот пат и паднал во удолнината. На лице место загинале седум патници.
Во Градската болница „8 Септември“ примени биле 37 лица, од кои 6 починале. Во „Св. Наум Охридски“ починало 1 лице, а на Клиничкиот центар примени се 7 лица, од кои 3 се со сериозни повреди. На Ургентниот центар е примена и една 28-годишна бремена жена, која е во добра здравствена состојба.
Возачот на автобусот е хоспитализиран во Градската болница, со него веќе разговарала полицијата и тој, како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, е во добра здравствена состојба.
Мери Јордановска