Дескоска: Законот за судови основа за независно судство во служба на граѓаните

Од:

Македонското Собрание денеска го усвои Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, во прво читање, кој според министерката за правда Рената Дескоска претставува основа за градење независно, непристасно судство кое ќе биде во служба на граѓаните и правдата.

Министерката појасни дека предложените измени се верификувани од Венецијанската комисија, која, како што рече, дала позитивна оценка, и оти тие биле испратени до комисијата претходно имајќи предвид дека за нивно изгласување е потребно двотретинско мнозинство.

Според неа, клучни одредби во предложениот закон, меѓудругите, се оние кои се однесуваат на поострување на критериумите за избор и напредување на судиите, прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност и основите за одговорност на судиите, со цел, како што рече, да не може да се користат нејасни одредби за злоупотреба и ставање на судиите под притисок, а се одредуваат и мерки за дисциплинска одговорност.

Измените предвидуваат и мирување на функцијата на одредени судии кои конкурираат на високи функции во меѓународни судови, во Судскиот совет, Академијата за судии и јавни обвинители…, а се проширува и надлежност за три судови, во Кавадарци, Гевгелија и Кичево. Се надевам, рече министерката дека овој закон ќе биде донесен со консензус и ќе ги отвори вратите на Македонија кон Европската Унија.

Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ најави дека пратениците од оваа партија и коалицијата во првата фаза ќе гласаат за предложениот закон, но посочи дека тој уште може да се подобрува, заради што тие, рече, во моментот работат на амандмани кои ќе ги предложат на комисиска расправа.

Илија Николовски од Партијата на обединети пензионери рече дека овие измени и дополнувања се добар почеток, но, како што додаде, претстои многу работа за имплементација, како и политичка волја и демократски капацитет и од власта и опозиција.

Бетијане Китев од СДСМ истакна ова решение добило позитивни оценки од Венецијанската комисија и изрази надеж дека тоа ќе биде донесено со консензус. Цитирајќи дел од ставот на Комисијата тој истакна дека ова решение што е предложено кореспондира со европските вредности во правосудството. Решението, рече, е појасно, внатрешно покохерентено, и подобро го одразува европскиот пристап кон одговорноста на судиите.

Пратениците, исто така, ги прифатија предлог законите за судскиот совет и за законот за управни спорови и ги дадоа на второ читање.

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски, објасни дека предлог законското решение е во рамки на Стратегијата за реформи на судството и е во насока на вградување на препораките на Венецијанската комисија и ГРЕКО за обука на судиите и јавните обвинители во делот на избор и разрешување на судиите и претседателите на судовите, додека опозицијата побара организирање на јавна расправа со цел да се дојде до едно сеопфатно и целосно решение за подобри реформи во судството.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште