Премиерна изведба на симфонијата „Лос Анџелес“ од Арво Перт со Македонската филхармонија

Од:

„Ангелите и градот“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи на 7 февруари (четврток) во 20 часот. За првпат на македонската музичка сцена, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе раскошната Симфонија бр. 4 „Лос Анџелес“ од еден од најдобрите современи композитори, Арво Перт.

Диригент на концертот е етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен. Покрај делото на Перт, на концертот ќе бидат изведени и Полка од балетот „Златна доба“ од Дмитриј Шостакович, како и Концерт за мала флејта во C-dur од Антонио Вивалди и Концерт за обоа и оркестар во g-moll од Јохан Себастијан Бах, каде како солист ќе се претстави извонредната уметница на барокна флејта, Луси Хорш од Холандија.

Симфонија бр. 4 на Арво Перт насловена „Лос Анџелес“ се смета за едно од најволшебните дела со кое може еден град да се гордее. Таа е духовен портрет на овој т.н. град на ангелите, која поседува раскошна убавина. Естонскиот композитор Арво Перт (1935) е еден од најизведуваните живи современи автори кој создаде магија од сплет на класичната и духовната музика, кој ги разби постоечките контури на компонирање видени низ разновидните експерименти на останатите композитори од 20 век, кој направи и разви своја техника наречена „тинтинабули“, кој е силно инспириран од грегоријанските црковни песни, и кој на минималистичкиот музички израз му даде нова димензија.

„Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година, Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на Московското филхармониско здружение во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“.

Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на Академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.

„Младата Луси Хорш ја демонстрираше својата сигурност и вистинска фасцинација од инструментот на кој свири, и од кој креира звуци кои веројатно не се очекува да бидат возможни“, се вели во една од критиките за холандската флејтистка Луси Хорш, која е позната по нејзините врвни изведби на барокна флејта. Деветнаесетгодишната Хорш се смета за еден од најистакнатите таленти од нејзината генерација музички уметници која настапува во нејзината матична земја, но бројни се и нејзините интернационални настапи со барокни, како и со современи ансамбли.

Оваа концертна сезона таа ќе ги направи своите дебија со Филхармонијата на Хонг Конг, како и со Македонската филхармонија, а заедно со ансамблот „Академија за античка музика“ заминува на турнеја во „Барбикан“ во Лондон, „Музикгебау“ во Амстердам и „Де Доелен“ во Ротердам. Постојано настапува и со рецитални програми на речиси сите европски музички фестивали, а неодамна го формираше дуото со францускиот лаутист Томас Дунфорд. Следува и нејзино деби со Филхармонијата во Есен. Луси Хорш е ексклузивец за „Дека класик“, а нејзиното прво ЦД содржи концерти и други дела од Вивалди, за што ја доби престижната награда „Едисон класик“ во 2018 година.

Нејзиното второ издание го сними со „Академија за античка музика“ и Томас Дунфорд, со дела од Самартини, Бах и Хендл, а исто така учествуваше на премиерата на снимката на „Варијации на октатонска скала“ за „Дојче грамофон“ со виолончелистот Киан Солтани. Родена во семејство на професионални музичари, Хорш почнува да студира на петгодишна возраст во Музичкото училиште во Амстердам, а по четири години, откако ќе се појави на ТВ-шоу со изведба на Унгарски танц бр. 5 од Брамс, станува национална сензација.

Откако ќе победи на многу натпревари, во 2011 година се запишува на конзерваториумот во Амстердам каде што сѐ уште е студент. Таа, исто така, е и одличен пијанист, а веќе неколку години е член на Националниот детски хор од Холандија настапувајќи со диригенти како што се Сер Сајмон Ратл, Марис Јансонс, Јап Ван Зведен. Во 2014 година, Хорш беше избрана да ја претставува Холандија на Евровизискиот натпревар за млади музичари и во 2016 година беше наградена со престижната „Концертгебау“ за млади таленти во присуство на Сер Џон Елиот Гардинер.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

Дваесет и втор Меѓународен натпревар на млади музичари „Охридски бисери“

Ана Ололовска

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска