СДСМ со писмено соопштение реагира на изјавата на Христијан Мицкоски.
„Христијан Мицковски продолжува да ги лаже граѓаните, новата пензиска реформа обезбедува редовни и повисоки пензии за сегашните и идни генерации. Со неа започнува стабилизацијата на пензискиот фонд, каде токму лошите и неодговорни политики на ВМРО ДПМНЕ оставија долг од 15 милијарди денари.
Владата предводена од СДСМ се грижи за сите граѓани, и усогласувањето на пензиите ќе го прави два пати годишно и тоа 100 отсто со порастот на трошоците на живот, наместо 50 отсто како што беше претходно.
Со новото законско решени се воведува и дополнително усогласување на пензиите од 1 април, доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст над 4 отсто.
Ако некој ги кратеше пензиите тоа беше ВМРО-ДПМНЕ како претходна власт која правеше усогласувања надвор од законската рамка и не им го исплаќаше целото покачување на пензионерите кое им следуваше со Закон.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ треба да одговара за дефицитот на ПИОМ, кој од 2 милијарди во 2006 достигна 19 милијарди денари во 2017 година. Овој дефицит го плаќаат граѓаните.
Актуелната власт изминатите две години обезбеди стабилна исплата и континуиран раст на пензиите. Доказ за тоа се статистичките параметри коишто покажуваат евидентен раст на пензиите во Македонија. Така ако, во 2016 година просечната пензија изнесуваше 13.754 денари, во 2017 година 13.954 денари, во 2018 година изнесуваше 14.421 денари“ се вели во реакцијата на СДСМ.