Данскиот министер за надворешни работи Андрес Самуелсен денеска повика на воведување санкции од ЕУ против Русија поради судирот со Украина во Азовското Море.
Самуелсен ќе се состане денеска со украинскиот колега Павло Климкин, а утре ќе го посети градот Мариупол на Азовското Море, соопшти данското МНР.
-Сметам дека ЕУ треба да реагира на агресивното однесување на Русија, порача Самуелсен во соопштението.
ЕУ ќе и испрати на Москва неделава дипломатска протесна нота поради задржување на 24 украински членови на екипажот, кои се притворени во текот на инцидентот во ноември, откриваат дипломатски извори за медиуми.
Европските министри за надворешни работи в четврток ќе се состанат за да расправаат за Украина и други прашања.
Русија во ноември минатата година зароби три брода на украинската морнарица и нивниот екипаж кај Керченскиот Теснец, што ја разгори нетрпеливоста меѓу двете земји.
Инцидентот се случи во Црно Море, кога бродовите се обидоа да влезат во Азовското Море преку тој теснец, по што Русија ги заплени бродовите и ги притвори членовите на екипажот, обвинувајќи ги за илегален влез во руски територијални води.
Судот во Москва кон средината на месецов го продолжи притворот на 24 украински морнари.
Тоа беше прв отворен воен судир меѓу Москва и Киев по припојувањето на Крим во 2014 година и почетокот на вооружениот судир на истокот на Украина меѓу владините сили и проруските сепаратисти, во кој загинаа повеќе од 10 илјади лица.
САД и ЕУ ја повикаа Русија да ги ослободи морнарите, но Кремљ смета дека мора да им се суди. Датумот на судењето се уште не е познат.