Откако го освои Отвореното првенство на Австралија по седми пат во својата кариера и стигна до 15-тата Гренд-слем тиутла, најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ посведочи за амбиции да стане број 1 по овој показател.
Во моментов, пред Ноле по број на трофеи од „големата четворка“ се само Рафаел Надал (со 17) и Роџер Федерер со 20.
Токму шпанскиот матадор беше поразен од Ѓоковиќ за последната титула по 6:3, 6:2 и 6:3.
– Ако продолжам да играм и да победувам, логично е да го преземам водството. Се чувствувам благословен што ги освоив овие 15. Знам дека пред мене има уште двајца, но сѐ уште имам време и не се брзам. Се чувствувам млад, свеж и во форма. Не мислам дека возраста може да биде ограничување. Колку подолго минува, толку подобар сум. Се разбира, морам да бидам уште подобар на теренот и да водам здрав начин на живот. Мислам дека најважното нешто е тенисот да го исполнува со љубов твоето срце и душа. Ако вашата глава вели продолжи, телото ќе слуша, изјави Србинот при петставувањето на трофејот во Кралската ботаничка градина во Мелбурн.