Новите светски правила во карате спортот се инспирирани од научниот труд на македонската карате легенда и доктор на науки, Назим Куртовиќ. Од 1-ви јануари годинава се применуваат новите карате правила во дисциплината кати (состави), кои ќе важат на сите наредни официјални натпревари, вклучително и на Олимписките игри во Токио 2020 година.
Со воведување на новите правила, вкупната оценка на натпреварувачот е резултат на збирот од техничката изведба (Technical performance) и интепретацијата (Athletic performance) на катата. Досегашните правила оставаа можност за субјективно оценување на изведбата од страна на судиите, кои оценуваа со кревање сино или црвено знаменце за кандидатот со сина или со црвена боја на појас. Со новите правила натпреварувачите ќе се оценуваат објективно, но ќе се оценува и знаењето на судиите и ќе се наметнат повисоки стандарди во тренажниот процес, според кои и тренерите и судиите ќе мора посуштински да го познаваат каратето, односно да ги познаваат катите.
Формулата на Куртовиќ, која тој ја презентирал во научниот труд „Квантификација и евалуација на ката перформансите во спортското карате“, целосно е посветена на методиката на тренажниот процес во катите, од каде што се поставува основата за длабинско оценување на квалитетот на нивната изведба и може да се користи за официјална судиска евалуација. Овој труд е презентиран на научен конгрес во Софија, декември 2017-та година.
Формулата е основа за новиот начин на оценување на Светската карате федерација (ВКФ) со единствена разлика во коефициентите. Новите правила на ВКФ предвидуваат сооднос 70 отсто техничка изведба и 30 отсто интерпертација. Според Куртовиќ, изведбата на катата е збир од средната оценка на квалитетот на изведбата на техничките елементи (која се множи со коефициент 60%) и средната оценка на квалитетот на атлетската изведба – интерпретацијата и невербалната комуникација, односно начинот на пренесување на идејата на катата преку говорот на лицето, телото и присуството на емоции (со коефициент 40%).
Во трудот, Куртовиќ ги повикува одговорните органи за креирање на правилата во Светската Карате федерација (ВКФ), целосно да ги усогласат методите на оценување на катата и да создадат услови за објективизирање на досега субјективните оценувања на катите. Негова препорака е методот на евалуација во дисциплината ката да го следи примерот на веќе потврдените индикатори за оценување во ритмичка и спортска гимнастика, синхронизирано пливање, уметничко лизгање, скијачки скокови и спортски скокови во вода.
Куртовиќ е мајстор на карате, носител на 7-ми степен (ДАН) и член на Директориумот и на Техничкиот комитет на Светската Шотокан Карате До федерација. Тој е овластен меѓународен инструктор и испитувач од страна на Светската Шотокан карате До федерација, чие седиште се наоѓа во Токио, Јапонија и одржува карате семинари ширум светот. Бил долгогодишен репрезентативец и капитен на репрезентацијата на СФРЈ, но исто така и селектор на репрезентациите на СФРЈ и на Македонија. Во својата спортска кариера, 14 пати бил шампион на Македонија, потоа 5-кратен шампион, 4-кратен вицешампион и еднаш бронзен медалист на поранешна СФРЈ; балкански и медитерански шампион; освојувач на пет медали на европски првенства и еден на светски куп.
Тој е еден од архитектите на стручните реформи на Карате федерацијата на Македонија (КФМ), како една од најорганизираните и најуспешните федерации во земјава, како претседател на Стручниот совет на КФМ (9 години), член на Управниот одбор, член на Директориумот, но и претседател на Комисијата за наука и спорт при Македонскиот Олимписки Комитет. Во последната деценија е и предавач на Универзитетот ФОН во Скопје.