По речиси 50 часа живот во темница, струшко Велешта синоќа доби струја. Како што информираат жители на Велешта, за А1 струја добиле триесет минути по полноќ.
„На изненадување на сите струја добивме по полноќ, иако не забележавме ниту еден претставник на ЕВН во селото. Тоа не води кон сомнеж дека не станува збор за никаков дефект туку за нешто сосема друго“, изјави жител на Велешта за А1.
Инаку во текот на вчерашниот ден Велешта остана и без вода за пиење, што само дополнителено го отежна нормалното функционирање на животот во ова струшко село со околу 7000 жители, бидејки селото со вода се снабдува од т.н хидрофори кои работат на струја. Дознаваме дека синоќешните разговори помеѓу претставници на ЕВН и Месната заедница од Велешта во Скопје, завршиле без успех, но што се случило потоа па селото набрзо доби струја нема информации.
Инаку проблемот настана откако ЕВН најпрво исклучи од електричната мрежа само еден дел од селото, со цел да започне со реализација на проект за поставување на нова мрежа и реконструкција на една од трафостаниците за како што изјавија од компанијата „долгорочно се реши проблемот со снабдувањето на струја“.
Потоа жителите незадоволни ја блокираа управната зграда на ЕВН во Струга, демолираа дел од влезот , а вчера го блокираа и патот од Струга кон граничниот премин Ќафасан. Имаше и радикални изјави дека доколку струја не добијат подготвени се да ја запалат и зградата на ЕВН во Струга. Од ЕВН пак излегоа со соопштение дека кражбите на електрична енергија во Велешта достигнуваат до 60%, а со отпорот за реализирање на инвестициониот проект, мештаните само покажувале дека не сакаат да се стави ред во мрежата.