Весели: САД остануваат најголемиот пријател и стратешки партнер на Косово

Од:

Косово е решено засекогаш да го зачува стратешкото партнерство со САД и ова нема да се смени никогаш, изјави претседателот на косовското Собрание Кадри Весели, по денешната средба со премиерот Рамуш Харадинај и американскиот амбасадор во Косово, Филип Коснет, на која се разговараше за барањето на Вашингтон за укинување на таксата од 100 отсто на увозот на стоки од Србија и Босна и Хрцеговина.

Весели е единствениот од учесниците на средбата што се одржа во неговиот кабинет, кој се огласи во јавноста откако американскиот амбасадор и косовскиот премиер не им се обратија на медиумите за да кажат за што е разговарано и дали е постигнат некаков договор.

Парламентарниот спикер на новинарите им изјави дека средбата била „крајно констриуктивна“ и дека станало збор за „предизвиците со кои се соочува Косово во текот на годинава“.

– Ние ќе работиме заедно за одлуките на косовските институции за значајните процеси да бидат во интерес на граѓаните и во целосна координација со САД и другите меѓународни партнери, изјави Весели.

Претседателот на косовското Собрание денеска беше домаќин на состанокот на Харадинај и амбасадорот Коснет, на кој е разгледано американското барање упатено до косовската Влада за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и БиХ.

Косовскиот премиер и американскиот амбасадор, по средбата кај Весели, ги избегнаа медиумите и не дадоа информација за разговорите и нивниот исход.

Харадинај до сега беше упорен во ставот дека владината одлука ќе остане во сила се додека Србија не го смени односот кон Косово и не ја признае неговата независност. Меѓутоа, во последно време се повеќе расте притисокот за укинување на таксата, како од надвор, така и од внатре.

Освен од САД и Европската унија, се позачестени се барањата и од самите членови на Владата и од коалициските партии, како и од претседателот на државата Хашим Тачи, кој очекува таксата веднаш да се укине за да можат да продолжат и да се финализираат преговорите со Србија за нормализација на односите меѓу двете земји.

Би можело да ве интересира

Три лица загинаа во авионска несреќа во САД

(ВИДЕО) Нова драма во САД: Брод удри во мост, се излеа нафта, спасувачките служби го блокираа сообраќајот

Горан Наумовски

Волстрит порасна, но инфлацијата во САД не се намалува

САД се длабоко вознемирени од грузискиот закон за странски агенти

Припадничка на косовската полиција е пронајдена мртва во куќа во Гњилане

Непознати лица упаднале и напишале графити во црквата Света Троица кај Пеќ