Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски, тврди дека засега нема да зема повисока плата и ќе чека законски измени за да добие зголемување во текот на годината. Тој вели дека средствата само се испланирани, ама не значи дека ќе има реализација. Оваа реакција следува откако „Макфакс“ објави дека во буџетот за годинава предвидена е повисока плата за градоначалникот, додека голем број ветени проекти на општината се нереализирани, односно за нив не се предвидени пари.
„Платата на градоначалникот не е зголемена. Таа останува иста, непроменета. На градоначалникот Александар Наумоски му се исплаќа плата согласно со Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија. Законот предвидува посебен коефициент за утврдување плата за градоначалниците, а тој коефициент зависи од бројот на жители во општината. Коефициентот на Наумоски е 3,2. Со ребалансот на буџетот, предвидените а нереализирани средства во делот на платата на градоначалникот се пренаменуваат“, велат од пиар-секторот во општината.
Но, тезата дека Наумовски нема да зема поголема плата, а парите се само превидени за таа намена е дискутабилна и отвора друга прашања. На пример, зошто не нема повеќе пари за осветлување, проектирање, капитални инвестиции, изградба на објекти, кои би биле проектирани со буџетот, па доколку не се искористат истите да бидат пренаменети.
„Макфакс“ објави дека Наумовски нема предвидено средства во буџетот за изградба на нова градинка во Волково, а градоначалникот вели дека „за почеток на градба на градинка во Волково средства се очекуваат од МТСП преку инвестициската програма ТАВ“. Ова практично значи дека изградбата ќе почека сè додека ресорното министерство не издвои средства, иако Наумовски вели дека пуштањето на градинката ќе биде во 2020 година.
Во текот на изборната кампања градоначалникот на Ѓорче Петров беше дециден дека во општината ќе биде изграден базен, а сега вели дека е во тек анализа за да се утврди дали проектот е исплатлив. Но, наместо изградба на отворен и затворен базен, жителите ќе добијат мал спортски базен во склоп на основно училиште.
Наумовски ветува дека ќе се доврши изградбата на фекалната канализација во Волково, Стопански Двор и Кисела Јабука, па така, според него, покриеноста со фекална мрежа ќе била 100%. Нејасно е како е дојдено до овој процент, имајќи предвид дека населените места Никиштане и Орман не влегуваат во проектот за изградба на одвод и сè уште користат септички јами. Доколку покриеноста со фекална канализација е 100%, тогаш треба цела општина да има одвод.
Кристијан Ландов