Австриецот Марко Шварц ја освои првата алпскa комбинација сезонава од Светскиот куп во ски-алпски дисциплини во познатото швајцарско одморалиште Венген. 23-годишниот Шварц, кој е специјалист во слалом, триумфираше со вкупно време од 2:36.92 минути. Тој го освои убедливо слаломот со 48.77 секунди и го освои 13-тото место во спуст со 1:48.15 минута, но забележа најдобро вкупно време.
За Шварц ова е втора победа сезонава и втора во неговата кариера. За прв пат ја освои паралелната слаломска трка во Осло на 1-ви јануари. Минатогодишниот шампион во Венген, Виктор Муфа-Жанде (Франција) остана втор на 42 стотинки од секундата, а трети на 1.12 секунди заврши друг Французин – Алекси Пинтуро.
Олимпискиот шампион во дисциплината од Пјонгчанг 2018 и лидер во генералниот пласман, Марсел Хиршер (Австрија) го пропушти денешното натпреварување, за да се концентрира на слаломот во недела.
Во пласманот за Големиот кристален глобус Марсел Хиршер е на врвот со 976 поени, следен од Хенрик Кристоферсен (Норвешка) со 571 поени и Алекси Пинтуро (Франција) со 554 поени.
Со денешната победа на Марко Шварц се продолжи серијата од успеси единствено на натпреварувачи од Австрија од почетокот на 2019 година.
Алпската комбинација е вклучена во програмата и за Светското првенство во ски-алпски дисциплини во Оре (Шведска) во февруари, но може да отпадне во иднина. Меѓународната скијачка федерација размислува да ја замени со паралелните трки, кои се поатрактивни за телевизиско емитување.