Јанкуловски: Вложувањето во науката на исклучително ниско ниво

Од:

Издвојувањето од БДП за науката во Македонија со години е под еден процент. На трибина што денеска ја организираше Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ беше наведено дека нивото е непроменето што, пак, директно е поврзано со помалку научни трудови и истражувачки проекти, како и со одливот на перспективен млад научен кадар.

-Последните информации што ги имам зборуваат дека сè уште сме на едно незавидно ниско ниво, тоа е околу 0,1 процент од Бруто домашниот производ, што е премалку, и нема промени. Ако се споредиме со земјите од Западен Балкан, ќе видиме дека ние сме на најнисокото можно ниво. Би било сосема задоволително да се неколку проценти, на пример 2,3 или четири отсто од БДП, со што образованието и науката во Македонија би биле во добра кондиција. Треба да се стремиме кон зголемување на процентот и тоа е целта на ваквите трибини, рече Јанкуловски. Додаде дека со слабата поддршка за наука е поврзано и иселувањето. Тоа е, рече, врзан систем.

-Наука, проекти, стопанство, образование – тоа се неделиви сектори во општеството и има поврзаност со одливот на мозоци од нашата земја, додаде Јанкуловски.

Според него, развојот на науката во Македонија треба да се базира на стратегија во која ќе бидат јасно дефинирани целите на подолг временски период.

-Таа стратегија треба да почива на еден компетитивен систем во кој науката и образованието, кои се најважни фактори за напредок на секое општество, ќе бидат водечки основи за економскиот развој и конурентноста во стопанството. Секоја земја, а апелирам и нашата, треба да вложува повеќе средства во науката, истражувањето, иновациите и, особено, во високото образование. Без нив не може да имаме современо општество кое ќе се базира на модерни принципи на самоодрживост и развој, истакна Јанкуловски.

Професорот од ФЕИТ Зоран Хаџи Велков на трибината имаше предавање на тема „Споредба на перформансите на македонската наука со земјите од Западен Балкан“. Рече дека македонската наука се обидува да биде во чекор со светските трендови и, како што рече, во однос на вложувањето во науката, имаме добра публицистичка активност.

-Но се забележува послаба просечна активност по професор. Во однос на рангирањето на универзитетите, во регионот се наоѓаме некаде на средината, а во светски рамки сме во долната половина на светските ранг-листи, рече Хаџи Велков.

Иако споредено со регионот вложувањето во науката е послабо, според него, самата академска заедница треба да покаже самоиницијативност и, како што рече, да се вложи во себе, да се зголеми бројот на објавени научни трудови просечно по професор на УКИМ и на сите универзитети во Македонија.

Би можело да ве интересира

Втор уписен рок за прва година на УКИМ, слободни места има на речиси сите факултети

Почнува уписот на УКИМ, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Упис на УКИМ на 29 и 30 август, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со македонисти од 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Предраг Петровиќ

На УКИМ слободни 9.921 места за упис во прва година во 2024/2025

Горан Наумовски

УКИМ повторно рангиран на 1.990 место од 2.000 најдобри универзитети во светот