Министерството за здравство информираше дека денеска до 13 часот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се хоспитализирани уште две деца и еден возрасен, со симптоми на морбили. Тоа значи дека во моментов има 26 хоспитализирани пациенти од морбили.
Најмладиот пациент е бебе од 8 месеци, а највозрасната пациентка има 43 години од Скопје и е мајка на едно од заболените деца.
Сите новопримени пациенти имаат клиничка слика на заболени од морбили (мали сипаници).
Досега во сите вакцинални пунктови во Скопје вакцинирани се вкупно 2008 лица, а само денеска до 13 часот МРП вакцината ја примиле 104 деца.
Министерството за здравство повикува на вакцинација на децата, иако е прогласена епидемија од морбили.
„Има доволно количини од МРП вакцините.
Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење“, велат од Здравство.