Претседателот на Собранието на Косово Кадри Весели, по повод денешното заминување на поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Рустем Мустафа и Сами Љуштаку, на распит пред Специјалниот суд за Косово во Хаг, изрази убедување дека тие ќе докажат дека борбата на ОВК беше праведна и чиста.
Весели, кој беше еден од водачите на ОВК и шеф на нејзините разузнавачки служби за време на војната во Косово во 1998-99 година и во периодот по осамостојувањето на земјата, преку својата страница на Фејсбук порача дека „за борбата на ОВК постои само една вистина“.
– Има само една вистина за борбата на Ослободителната војска на Косово: праведна борба во целите и дејствијата. Затоа, од предизвикот на Специјалниот суд ќе излеземе со бел образ. Оваа вистина, таа света борба ќе се одбрани и од моите пријатели, соборците Сами и Реми, но и од секој припадник на ОВК од кого ќе се побара да сведочи, напиша Весели.
Мустафа, познат како командант Реми, при заминувањето за Хаг изјави дека од Специјалното обвинителство е поканет како осомничен и како сведок и дека ќе биде испрашан во текот на утрешниот ден.
Љуштаку, пак, кој отпатува за Холандија од приштинскиот аеродром неколку часови по Мустафа, изјави дека ќе биде испитан в среда, 16 јануари, но се уште незнае во кое својство е повикан, дали како сведок или како обвинет.