Зигмунд: АфД испиша историја со победата во Саксонија-Анхалт

Од:

„Испишавме историја во оваа покраина“, изјави денеска Улрих Зигмунд, водечкиот кандидат на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (AfD), откако неговата партија за првпат победи на покраинските избори во германската покраина Саксонија-Анхалт и, според проекциите, постигна рекорден резултат при рекордна излезност.

Зигмунд додаде дека „подава рака“ кон сите други политички сили, но само кон оние кои се подготвени за јасен политички пресврт.

„Она на што не треба да се смета е дека ќе се откажам од сопствените вредности заради доаѓањето на власт“, ​​рече Зигмунд.

Во таков случај, како што наведе, не би бил подготвен ниту за коалициска ниту за малцинска влада.

Копретседателката на AfD, Алис Вајдел, оцени дека станува збор за „историски резултат“.

„Ќе видиме што уште ќе ни донесе вечерва. Ова е многу јасен мандат за формирање влада“, рече Вајдел.

Според нea, најсилната партија секогаш има мандат да формира влада.

„Нашата рака е секогаш подадена“, порача Вајдел, додавајќи дека покраинскиот огранок на партијата носи одлуки независно.

Излезноста на покраинските избори во Саксонија-Анхалт изнесуваше 80 отсто, објави телевизијата ZDF.

AfD денеска победи на изборите во Саксонија-Анхалт со убедлива разлика, освојувајќи 44,5 отсто од гласовите, според проекцијата на ARD, изработена од институтот Infratest dimap.

Со тоа AfD го постигна својот најдобар резултат досега на покраински избори и стана најсилна политичка сила во покраинскиот парламент. На изборите во 2021 година партијата освои 20,8 отсто од гласовите.

Далеку зад AfD е CDU, односно Христијанско-демократскиот сојуз на Германија.

Партијата на покраинскиот премиер Свен Шулце освои историски ниски 18,5 отсто од гласовите.

Тоа е голем пад во однос на покраинските избори во 2021 година, кога CDU, предводена од долгогодишниот премиер Рајнер Хазелоф, оствари убедлива победа со 37,1 отсто од гласовите.

Според проекциите, Левичарската партија е трета со 9,5 отсто од гласовите, што е под нејзиниот најслаб резултат досега во Саксонија-Анхалт, кој изнесуваше 11 отсто.

Следуваат Зелените со девет отсто, пред SPD, односно Социјалдемократската партија на Германија, која освои осум отсто од гласовите.

И тоа ја доближува SPD до својот најслаб резултат досега. На изборите во 2021 година партијата освои 8,4 отсто.

BSW, односно Сојузот на Сара Вагенкнехт – Разум и правда, освои пет отсто од гласовите и сè уште е на границата дали ќе влезе во покраинскиот парламент.

FDP, односно Слободната демократска партија, според проекциите, не го помина изборниот праг, освојувајќи два отсто од гласовите.

Би можело да ве интересира

АфД со огромен резултат, Левицата порача: „Со нив нема мнозинство“

АфД слави: „Испишавме историја“ по победата во Саксонија-Анхалт

Горан Наумовски

Полицијата пронајде 12 бомби поставени на далеководи, се трага по екстремист

АфД e пред историска победа

Горан Наумовски

Лавров: Западните обвинувања за руска вмешаност во инцидентот во Лајпциг се почеток на вистинска војна

Голем сајбер-скандал во Германија: Хакери објавија украдени податоци од Берлин