Конфликтот на чешкиот претседател Милош Земан и амбасадорот на САД во Прага, Ендрју Шапиро се уште се главна тема на јавноста и во земјата и надвор од неа, јави дописникот на МИА од чешкиот главен град.
Вашингтон застана на страната на својот дипломатски претставник, кој го критикуваше Земан околу неговото претстојно учество на одбележувањето на 70-годишнината од победата над фашизмот на 9 мај во Москва, каде поголем број европски претставници одбија да присусуствуваат заради ставот на Русија кон Украина.
– Не можам да замислам дека чешкиот амбасадор во Вашингтон би го советувал американскиот претседател каде треба да патува. Нема да дозволам на ниеден амбасадор да се меша во програмата на моите посети на странство, изјави Земан, порачувајќи му на Шапиро дека вратите на неговиот Кабинет се затвораат за него.
САД преку своите високи претставници порачаа дека не му забрануваат на шефот на чешката држава да учествува на воената парада, изразувајќи разбирање за желбата да се покаже почит кон жртвите од Втората светска војна, но оценуваат дека односите со Русија не можат да се сметаат за „нормални“ и затоа европските државници треба да бидат единствени во време на влошени односи со Москва.
Иако одлуката на Земан е критикувана и од коалициските партнери во чешката Влада и од опозицијата, Министерскиот кабинет изрази поддршка за покажување почит кон „милионите припадници на руската војска кои се заслужни за слободата и на Чехословачка“.
Од друга страна, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изрази поддршка за Земан и за неговиот став кон американскиот дипломат.
– Земан едноставно е човек со сопствено достоинство и храброст. За жал не се сите такви, изјави Лавров за руските медиуми, оценувајќи дека САД се обидуваат да ги изолираат односите на сите земји со Русија.