Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес се сретна со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој го пречека пред Белата куќа во Вашингтон, што е нивна трета средба оваа година.
На прашањето на новинарите пред Западното крило дали мисли дека може да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине војната во Украина, Трамп рече: „Да, можеме“.
Потоа двајцата лидери започнаа работен ручек.
„Чест е да се биде со многу силен лидер, човек кој поминал низ многу работи и човек што го запознав многу добро и со кого се сложувавме навистина, навистина добро“, рече Трамп на самиот почеток од работниот ручек и додаде:
„Вчера имавме важен разговор, како што знаете, со претседателот Путин и ќе разговараме за тоа“, продолжи тој.
Трамп го пофали Зеленски, велејќи дека „многу страдал“ за време на војната во Украина.
„Искрено, издржавме со него“, рече Трамп.
„Помина долго време и мислам дека постигнуваме голем напредок. Затоа ќе разговараме за тоа денес.“
Трамп рече дека планира да разговара за нови капацитети со Зеленски што ќе ѝ овозможат на Украина подлабоко да удри во Русија.
„Ќе разговараме за тоа“, рече Трамп кога беше прашан дали ќе се разговара за новите капацитети.
Трамп не го спомена конкретно прашањето со Томахавк, но се очекува ракетите со долг дострел произведени во САД да бидат во центарот на денешните разговори.
Тој истакна дека смета оти рускиот претседател „сака да ја заврши војната“.
„Разговарав со него вчера два и пол часа, разгледавме многу детали“, додаде Трамп.
„Тој сака да ја заврши, мислам дека претседателот Зеленски сака да ја заврши – сега ние мора да го направиме тоа“ рече Трамп.
Зеленски му честиташе на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнувањето мировен договор за Газа, велејќи дека тоа може да биде „моментум“ за завршување на војната во Украина.
На поканата на Трамп да зборува на отворањето на работниот ручек во Белата куќа меѓу двајцата лидери, Зеленски рече: „Ви честитам за успешното прекин на огнот на Блискиот Исток“.
„Мислам дека ова е моментум за завршување на војната на Русија против Украина“ рече Зеленски.
Украинскиот лидер рече дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин „не е подготвен“ за мир, но додаде: „Убеден сум дека со ваша помош можеме да ја запреме оваа војна“.
Зеленски, исто така, рече дека билатералните безбедносни гаранции за Украина се „најважната работа за народот на Украина“.
Кога беше прашан какви отстапки е подготвен да направи Зеленски за да ја заврши војната, украинскиот лидер рече: Mислам дека треба да седнеме и да разговараме. Втората точка, ни треба прекин на огнот.
„Најважната работа за луѓето во Украина, кои се изложени на напади секој ден, е да имаат навистина силни безбедносни гаранции. НАТО е најдобро, но оружјето е многу важно. Сојузниците на наша страна се многу важни“, рече Зеленски.
Украинскиот лидер додаде: „Ние сакаме мир, Путин не сака. Затоа треба притисок врз него“.