Украинскиот претседател Володимир Зеленски го покани американскиот претседател Доналд Трамп да го посети Киев, во видео обраќање по повод четвртата годишнина од целосната инвазија на Русија, велејќи дека Украина нема да го предаде својот народ во никакви преговори со Русија.
Зеленски рече дека рускиот претседател Владимир Путин не ги постигна своите првични воени цели ниту „го скрши украинскиот народ“.
„Тој не ја доби оваа војна“, рече Зеленски.
„Ние ја спасивме Украина и ќе направиме сè за да постигнеме мир. И да обезбедиме правда“ порача украинскиот претседател.
Европските лидери ги поддржаа неговите пораки.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц рече: „Москва не е толку силна колку што би сакала светот да верува“.
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека е „многу скептичен“ дека војната наскоро ќе заврши, бидејќи не гледа „подготвеност“ на Русија да ја заврши.
Зеленски ја повтори поканата до Трамп да ја посети Украина.
„Навистина сакам еден ден да дојдам тука со претседателот на Соединетите Американски Држави. Сигурен сум дека само со доаѓање во Украина, гледање со свои очи на нашиот живот и борба, чувствување на нашиот народ и обемот на оваа болка, можете да разберете за што всушност станува збор во оваа војна“ – рече тој.
Додаде дека посетата може да му помогне на Трамп да разбере „кој е агресорот тука и на кого треба да се изврши притисок“.
„Ова не е улична борба – ова е напад од болна држава врз суверен. Путин е причина за почетокот на војната и пречка за нејзин крај. Русија мора да се доведе на свое место за да има вистински мир“, рече Зеленски.
