Зеленска апелира да бидат запрени руските „воени злосторства“ по пронајдените масовни гробници во Буча

Од:

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќање побара да бидат запрени руските „воени злосторства“, јави Би-Би-Си. Москва негира дека руската војска стои зад убиствата на цивилите во Буча.

Неговото обраќање дојде по извештаите за десетици тела пронајдени на улиците и масовните гробници во украинскиот град Буча.

– Светот веќе виде многу воени злосторства. Во различни времиња. На различни континенти. Но, време е да направиме сè што е можно за воените злосторства на руската војска да станат последна манифестација на такво зло на земјата, рече Зеленски.

Тој инсистира руските лидери да бидат повикани на одговорност за активностите на војската.

– Сакам сите лидери на Руската Федерација да видат како се исполнуваат нивните наредби. Вакви наредби. Такво исполнување. И заедничка одговорност. За овие убиства, за овие мачења, за овие раце откорнати од експлозии што лежат на улиците. За истрели во задниот дел од главата на врзани луѓе. Така сега ќе се сфаќа руската држава. Ова е вашата слика, рече Зеленски.

Тој, исто така, појасни дека се во тек напори за обновување на електричната енергија и водата во Буча, како и за обновување на медицинските установи и инфраструктурата.

Зеленски повторно ја потенцираше потребата од посилни санкции против Русија.

– Дефинитивно ќе има нов пакет санкции против Русија. Но, сигурен сум дека тоа не е доволно. Потребни се повеќе заклучоци. Не само за Русија, туку и за политичкото однесување што всушност дозволи ова зло да дојде во нашата земја, рече тој.

Во своето обраќање, Зеленски најави дека ќе биде воспоставен „механизам за правда“ за да се истражат злосторствата извршени од руски војници на украинска територија. Механизмот ќе биде поддржан од Министерството за надворешни работи, Канцеларијата на јавниот обвинител, Националната полиција, Службата за безбедност, Разузнавачката служба и другите владини гранки, рече тој, пренесува Си-Ен-Ен.

– Овој механизам ќе и помогне на Украина и на светот да ги изведат пред конкретна правда оние кои ја покренаа или на кој било начин учествуваа во оваа ужасна војна против украинскиот народ и во злосторствата против нашиот народ, истакна Зеленски..

Тој посочи дека ќе обезбеди повеќе информации за состојбата на украинската територија што е окупирана од руските сили.

– Сите партнери на Украина ќе бидат детално информирани за тоа што се случило на привремено окупираната територија на нашата држава. Воените злосторства во Буча и другите градови за време на руската окупација, исто така, ќе бидат разгледани од Советот за безбедност на ОН во вторник, истакна украинскиот претседател.

Русија, пак, ги негира ваквите обвинувања и бара седница на Советот за безбедност на ОН да се одржи веднаш денеска на која тие би ги презентирале своите сознанија, според кои злосторствата во Буча ги извршиле украински „радикали и националисти“.

„Во светло на грозоморната провокација на украинските радикали во Буча, Русија побара состанок на #Безбедносен совет на ОН во понеделник на 4 април“, објави вчера на Твитер Дмитриј Полјански, заменик-амбасадор на Русија во Обединетите нации.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Русите го изведоа досега најголемиот напад со дронови на Украина, погодија критични цели

ВИДЕО: Жесток руски напад на Киев со дронови

Катерина Ѓуровски

Третата светска војна е почната алармира поранешниот украински претседател Порошенко

Русија напредува во Украина со најбрзо темпо од почетокот на војната тврдат аналитичари

Катерина Ѓуровски

Украинците објавија фотографии од Орешник, новата ракета на Путин

Катерина Ѓуровски

Руските сите ноќеска 200 пати ја гаѓале областа Запорожје

Катерина Ѓуровски