На судењето за убиството на Џорџ Флојд, за кое е обвинет полицаецот Дерек Шовин, денеска ќе почне изнесувањето завршни зборови, по што поротата ќе се повлече и ќе одлучи дали Шовин е виновен за обвиненијата против него, пренесува Гласот на Америка.
Обвинителството и порача на поротата дека, иако одлучува за судбината на еден човек, оваа пресуда ќе се одрази многу пошироко и претставува слика за тоа како полицијата во Америка ги третира црнците.
За време на приведувањето, Дерек Шовин го држеше коленото на вратот на Џорџ Флојд повеќе од девет минути. Флојд беше уапсен затоа што се обидел да купи цигари со фалсификувана банкнота од 20 долари. Еден од минувачите го снимил Флојд како лежи на земја и моли за милост пред да почине, а тоа видео ги скандализираше луѓето ширум светот. Лицето на Флојд стана симбол на најголемите протести против расизмот во САД во последните децении.
Главниот патолог ја окарактеризира смртта на Флојд како убиство од страна на полицијата.
За време на двонеделното изнесување на аргументите, обвинителството тврди дека Шовин употребил прекумерна и незаконска сила.
Адвокатите на Шовин рекоа дека тој го сторил она за што бил обучен за време на 19-годишната работа во полицијата во Минеаполис. Шовин беше отпуштен еден ден по смртта на Флојд.
Во досегашните постапки, кои ги пренесоа сите светски медиуми, искази дадоа повеќе од 40 сведоци.
Обвинението против Дерек Шовин има три точки: убиство од втор степен, убиство од трет степен и убиство од небрежност од втор степен.
За убиство од втор степен, најсериозно од сите обвиненија, 12 поротници мора да се согласат дека постапките на Шовин довеле до смрт на Флојд.
Казната за тоа дело е до 40 години затвор, но прописите во Минесота ја намалуваат таа казна на 15 години за луѓе како Шовин, кои претходно не биле осудувани.
Кога ќе ја почнат расправата за вината на Шовин, поротниците ќе бидат сместени во хотел, а времето за донесување одлука не е ограничено.