Судењето за корупција против високиот функционер на кинеската Комунистичка партија Бо Силај заврши денеска, а кинеската државна агенција Ксинхуа истакнува дека пресудата ќе биде донесена подоцна, но не наведе попрецизно време.
Обвинителството изутринава на крајот од судењето, кое почна во четвртокот на 22 август, нагласи дека злосторствата на Бо Силај, висок партиски функционер, кој е обвинет во Кина за корупција, мито и злоупотреба на положбата во изминатите неколку децении, се мошне сериозни.
Аналитичарите веруваат дека и покрај тензичното судење, на кое Бо енергично ја изнесе својата одбрана, речиси е сигурно дека ќе биде прогласен за виновен и оти веќе е договорена долга затворска казна.
Шеесет и три годишниот Бо на почетокот на судењето во четвтокот ги отфрли тврдењата дека примил мито од 3,5 милиони долари од претприемачот и негов близок пријател Су Минг и генералниот менаџер на компанијата „Далиа интернешнл дивелопмент“ Танга Сјаолин.
Клучниот сведок на обвинението, Ванг Џенганг, поранешен службеник во Далијан, каде Бо беше градоначалник во ’90-те години, изјави пред судот дека Бо во негово присуство и телефонирал на својата сопруга Гу Кајлај и и кажал да ја преземе пратката од пет милиони јуани, на име на локален проект за изградба.
Бо во судницата во Народниот суд во Џинан, во источна Кина ги отфрли тие тврдења како бесмислени.
– Такво нешто не би сторила ниту најглупавата корумпирана личност. Дури и корумпираниот функционер со најнизок коефициент на интелегенција би го поставил прашањето кој друг во Далијан би можел да знае за парите, изјави Бо.
– Всушност сите кои ме познаваат знаат дека барам од соговорниците да ги исклучат своите мобилни телефони пред да го почнеме разговорот. Јас сум мошне внимателен, додаде тој.
Бо, некогашен партиски секретар во југозападниот мегалополис Чонгчинг и член на највисоките централни тела на Комунистичката партија, кај народот познат како „црвениот принц“ е сменет од сите позиции минатата година, откако изби скандалот кога неговата сопруга беше осудена на смрт поради убиството на британскиот бизнисмен Нил Хејвуд.
Гу, која е обвинета дека го отрула Хејвуд, во затвор ја чека евентуалната промена на казната во доживотен затвор.