Посетата на американскиот државен секретар Џон Кери на Турција мина во знак на критиките што САД ги упатија кон Турција, поради изјавата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, кој го изедначи еврејското движење ционизмот со фашизмот, антисемитизмот и исламофобијата, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Кери, за време на заедничката прес-конференција со шефот на турската дипломатија Ахмед Давутоглу во Анкара, ја осуди оваа изјава на турскиот премиер Ердоган.
– Го покренав ова прашање многу директно со министерот за надворешни работи, и ќе го отворам и на средбата со премиерот. Белата куќа се огласи по ова прашање и мислам дека беше јасна. Не само што не се согласуваме со оваа изјава, туку ја сметаме за спорна, изјави Кери.
САД со загриженост го следат неколкугодишното влошување на односите на двата клучни американски сојузници во регионот на источното Средоземје, Турција и Израел.
Давутоглу во својот одговор, изјави дека Турција не може да ги заборави израелските напади врз палестинската област Газа и особено врз турскиот брод Мави Мармара во 2010 година кога израелската војска уби осум Турци и Американец кои сакаа да ја прекршат израелската морска блокада врз Газа.
Шведскиот експерт за Турција и Кавказот Сванте Корнел, во предавање во Вашингтон, оцени дека координацијата на политиките во регионот меѓу САД и Турција е нарушена, уште од времето на турското неучество во Ирачката војна во 2003 година.
Според Корнел, овие односи дополнително се комплицираат со доаѓањето на Кери на чело на американската дипломатија, поради тоа што како сенатор, Кери честопати ги поддржувал резолуциите со кои се бара САД да го признаат масовното убивање на Ерменците во Турција по Првата светска војна како геноцид.
Турција остро се спротиставува на политичките чекори со кои депортирањето на Ерменците од 1915 година би се карактеризирало како геноцид. Корнел, сепак, смета дека како државен секретар, Кери ќе биде многу повоздржан во своите коментари и нема да ги нарушува односите со Турција барајќи отворено признавање на ерменскиот геноцид.
Кери е и еден од спонзорите на резолуцијата 907, со која се забранува упатување на било каква американска помош на блискиот турски сојузник Азербејџан, поради конфликтот на оваа земја со Ерменија.
– Веројатно ќе видиме дека сенаторот Кери и државниот секретар Кери ќе бидат две различни политички појави. Не знам дали Кери е лично посветен на ерменското прашање, како што беше случај на пример со сенаторот Боб Дол, кој својот живот го должеше на помошта на ерменски лекар во Втората светска војна.
Можно е изборот на Кери да биде добар за американско-турските односи, бидејќи тој е многу свесен за тоа дека на него, во јавноста, се гледа како на политичар тесно поврзан со ерманските групи, и токму поради тоа може да се случи свесно да работи на подобрување на односите со Турција и со Азербејџан, за да не биде обвинет дека потпаднал под ерменското влијание, оцени Корнел.
Корнел оцени дека Турција и Азербејџан особено се загрижени од изборот на сенаторот Боб Менендез, близок до грчкото и ерменското лоби, на чело на Комитетот за надворешни работи на Сенатот. Менендез, сенатор на Демократската партија од Њу Џерси, е зафатен од серија тешки корупциски и секс скандали, но засега не се откажува од челното место во Комитетот кое го доби по именувањето на Кери за државен секретар во јануари.
Турското лоби во Вашингтон е едно од најбрзо растечките по влијание, но се уште заостанува зад одамна етаблираните заедници.
Односите на Турција и САД во изминатата година се дефинирани од турската поддршка за прием на бегалците од Сирија и отворањето на големи кампови на истокот на земјата во кој се сместени над 400.000 бегалци. На крајот на минатата година САД го откажаа планот да и подарат на Турција две фрегати кои веќе не и се потребни на американската воена морнарица. Грчкото лоби прогласи дека оваа одлука е донесена под нивно влијание, поради страв дека Турција може да ги искористи овие воени бродови во актуелниот спор со Грција и Кипар околу експлоатирањето на нафта и природен гас во Средоземно Море.