Судија-коронер од Виндзор, место во близината на Лондон, денеска започна формална истрага за да се утврдат причините за ненадејната смрт на поранешниот руски олигарх и политички дисидент Борис Березовски.
Судијата најави дека ќе бидат потребни неколку недели за да се извршат сите тестови кои се во тек и за да се ислушаат изјавите на сите кои ќе бидат испрашувани во истрагата.
Березовски (67) беше најден мртов во саботата во бањата во куќата на неговата поранешна сопруга во реонот на Аскот, западно од британскиот главен град.
Претставник на полицијата на стартот од истрагата објасни дека Березовски бил најден облечен на подот од бањата со заврзана ткаенина околу вратот. Делови од сличен материјал е најден и на тушот во бањата.
Паталогот на британскиот Хоум Офис потврди дека Березовски умрел од задавување, но не можеше да објасни дали тој се самоубил или бил убиен.
Полицијата продолжува со испитување на куќата на Березовски и со прибирање на траги и докази кои може да помогнат во расветлувањето на неговата смрт. Неговата ќерка Анастасија Березовски, која формално го идентификуваше телото, рече дека татко и секогаш верувал во она за што се борел, без разлика на цената за таа борба.
Дел од пријателите и блиските на Березовски објаснуваат дека тој бил „потиштен“ по загубата на судскиот спор со неговиот поранешен пријател и партнер Роман Абрамович, но повеќето од нив велат дека тој не е човек кој би можел самиот да си го одземе животот.