Започна блокадата на Ормутскиот теснец – најефикасното оружје на Иран во конфликтот со САД

Од:

Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека започна блокада на Ормутскиот теснец, по пропаѓањето на преговорите за прекин на огнот со Иран за време на викендот.

Додека Трамп ризикува дополнително да се зголемат цените на нафтата и гасот за да го максимизира притисокот врз Иран за прекин на војната, американската војска веројатно нема да испука ракети кон танкерите. Но, затоа би можела да се качи на бродовите и да ја преземе контролата врз нив.

Ормутскиот теснец се претвори во најефикасното оружје на Иран во конфликтот со САД. Откако Америка и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, Техеран одговори со затворање на виталниот премин, низ кој во нормални времиња минуваат околу 20% од светските пратки на нафта, поттикнувајќи стравувања од инфлација.

Трамп нареди поморска блокада на Ормутскиот теснец, уништувајќи ги надежите за брз крај на конфликтот на Блискиот Исток, кој веќе предизвика најлош енергетски шок во историјата.

„Американската морнарица, најдобрата во светот, ќе започне со процесот на блокирање на сите бродови што се обидуваат да влезат или да излезат од Ормутскиот теснец“, напиша Трамп вчера додавајќи дека „исто така, ѝ наложил на морнарицата да го бара и пресретнува секој брод во меѓународни води што плаќал данок на Иран“.

Обвинувајќи го Иран за „светска изнуда“, Трамп се закани дека секој што ќе нападне американски бродови ќе биде „однесен во пекол“.

„Гардијан“ објавува дека неговата закана за блокирање на „сите и секакви“ бродови била намалена неколку часа по објавата, кога Централната команда на САД (CENTCOM) изјави дека блокадата ќе биде ограничена на бродови што минуваат низ иранските пристаништа, како и дека ќе дозволи премин на бродови што се упатуваат кон пристаништата на американските сојузници во Персискиот Залив.

Според CENTCOM, блокадата стапува на сила во 10:00 часот по источно време, односно во 16 часот по средноевропско.

Трамп изјави за „Фокс њуз“ дека сојузниците – од кои многумина ги критикуваше за тоа што не ја поддржуваат војната – сакаат да помогнат во операцијата во теснецот. „Гардијан“ наведува дека Велика Британија нема да биде вклучена во блокадата на теснецот, додека Австралија изјави дека не е побарано нејзино учество.

Ормутскиот теснец, една од точките на сопнување во преговорите меѓу САД и Иран, технички не е затворен. Иран постепено дозволува некои танкери да поминат – во замена за надомест од до 2 милиони долари по брод. Податоците од аналитичката компанија „Кплер“ покажуваат дека Иран успеал да извезува просечно 1,85 милиони барели сурова нафта дневно во текот на март. Според CNN, со затворањето на преминот, Трамп би можел да го прекине клучниот извор на финансирање за иранската влада.

Иран на разговорите сугерираше дека ќе ја задржи контролата врз теснецот по завршувањето на војната и можеби ќе наплати патарини за бродовите.

Би можело да ве интересира

Претседателот на иранскиот Парламент му се потсмева на Трамп поради растот на цените на нафтата

А1он

Трамп го нападна папата: Да се собере и да користи здрав разум, а не да биде политичар

А1он

Трамп: Почнуваме блокада на Хормуз, ова е меѓународна уцена

Ормутскиот теснец е комплетно под наша контрола и не е предмет на преговори, порача Иран

Трамп: Започнавме операција за деминирање во Ормутскиот теснец. Иран: Не помина нуту еден брод

Предраг Петровиќ

Американски воени бродови поминаа низ Ормутскиот теснец. Иран: Повлечете се, имате 30 минути

Предраг Петровиќ